Во нашата земја, за жал, многу луѓе сметаат дека кристализираниот мед, кој го нарекуваат „шеќердисан“, не е вистински мед односно дека тоа е неквалитетен или фалсификуван. Вистината е токму спротивното. Само вистинскиот мед кристализира и тоа е еден од најдобрите, ако не и единствените, начини да потврдите дека медот е природен и не е фасификуван со додаток на сиров шеќер или шеќерни сирупи.
Медот претставува заситен раствор составен од вода и мешавина од јаглехидрати – главно гликоза и фруктоза. Со текот на времето, гликозата почнува да „преципитира“ од растворот, што значи дека водата се одвојува од гликозата, предизвикувајќи оформување на кристална форма. Кога медот почнува да кристализира, нови кристали продолжуваат да се градат врз постарите кристали се додека не се кристализира целата гликоза во медот.
Не можете целосно да спречите кристализирање на суровиот мед, но можете да преземете чекори за да го забавите процесот. Исто така, ако навистина не ви се допаѓа текстурата на кристализиран мед, можете да изберете сорти на мед на кои им е потребно многу подолго да се кристализираат.